Спортски „допинг“ за Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Македонија никогаш не била пожива, а најголемите заслуги за тоа во моментов ги имаат македонските спортисти. Како за инает на преименувањето на државата што ја претставуваат, тие токму во овој период го крепат македонскиот дух со натпросечни резултати.

Ракометарите првпат славеа на гости кај Исланд, нанесувајќи му го првиот домашен пораз на олимпискиот вицешампион од Пекинг 2008 и бронзен медалист од Европско првенство 2010 по тој од Шведска пред 13 години. Борачот Владимир Егоров со бронзата во Букурешт ѝ го донесе првиот медал на Македонија од еврошампионатиите по 2007 година. Вардар не само што ја одбрани регионалната ракометна титула, туку стана и првата екипа со шампионски хет-трик во СЕХА-лига, која во Брест ја освои петти пат во досегашните осум изданија. Фудбалерите стартуваа како никогаш досега во квалификации за ЕП, убедливо совладувајќи ја Летонија во Скопје и ремизирајќи со Словенија во Љубљана…

Токму гостувањето на избраниците на селекторот Игор Ангеловски кај „змајчеки“ го изнедри заедничкиот именител на навивачите на спортистите од Македонија – паролата „Никогаш Северна“. Не само што „македонската фаланга“ јасно ја истакна на трибините на стадионот „Стожице“, туку и постојано скандираше „Никогаш Северна, само Македонија“, a на билбордите низ градот со најавата за натпреварот лепеа „Република“ врз „Северна“.

„Комити“, пак, на мечевите на Вардар во ракометната Лига на шампиони излегоа со транспарент со натпис „Чујте вие неразбрани трговци – ова е Македонија, ние сме Македонци“ и со заклетва на татковината што завршува со извикот „Да живее Македонија!“.

Во изразите на љубов кон својата земја и отпор кон преименувањето се издвојуваат ракометните репрезентативци. Стојанче Стоилов, на пример, по официјализацијата на „Северна“ преку Фејсбук ќе прокоментира: „Ментално нестабилни сме сите во државава што дозволуваме вака да ни прават!!! Срам да ни е на сите… За мене секогаш ќе биде МАКЕДОНИЈА!!!“. „Министерот за одбрана“ Борко Ристовски, пак, со знакот со прстите за „обединета Македонија“ ја пее химната, а во Фејсбук-статус по историскиот триумф во Рејкјавик ќе ги вметне и хаштазите #Македонија, #заедно и #сакајте си ја својата држава и народ.

Според тоа, бадијала им се обидите на Заев, Димитров, Шекеринска, Османи, Анѓушев и на останатите северномакедонски перјаници да ги навикнат Македонците на државното име што (им) го одбија со бојкотот на пропаднатиот референдум од 30 септември минатата година. Колку Северџаниве поревносно го испорачуваат ветеното пред белосветските божемни душегрижници, толку поголем е инаетот во спротивставувањето на наметнатата географска одредница, посебно кај спортистите и фановите. Покрај нив, „македонско име нема да загине“.

SHARE

4 Коментари

Оставете Коментар