Ете на што се однесувало кога Кољо избезумено се развреска, небаре го брка лав, на предизборен собир на СДСМ минатиот месец. „Срамота е, луѓе!“, визионерски крикна тогаш Николче, а потсвесно да ти мислел на составот на новата влада што ја склепаа Зоќе и Аљи.

Прво, „срамота е, луѓе“ што Артан ќе биде само прв вицепремиер и министер за политички систем. Таква блес(к)ава кариера, „печена“ за холивудски филм, досега требаше да биде крунисана најмалку со клучевите од претседателската вила на Водно. Од политички советник во холандската амбасада, преку тепач на Кале против црквата-музеј пред девет години, до пратеник и претседател на собраниската Комисија за европски прашања. Кој го тоа може, дами и господо?

А бе се откажа и од тоа да биде нов пратеник, само за да го среди ДУИ како организациски секретар, за сега да се малтретира со некаков си фантомски ресор со над 1.500 души на платен список, за кои никој не знае каде се и (зо)што (не) работат. Згора, ќе му бил прв заменик на Зокито, а сите добро знаат дека тој, едноставно, е незаменлив. Таков еднаш мајка раѓа.

Па, уште и во штипки ќе му се мешал, со двоен потпис. Како да не знае десната рака на Амети сам да (се) потпишува, ако треба и со лева. „Разбуди се“ Артане, „јеси ли то ти“? Можеш ти многу повеќе и многу подобро.

„Срамота е, луѓе“ и што Командант Вентили го оставивте без министерство. А толку се трудеше и оствари човекот и во земјоделството, и во екологијата, и со фантомине со кои отсега ќе мора да биде нежен Груби. И тоа без да бекне Садула македонски со години! Дали се разбирал со раце и со нозе, ич да не ви е гајле, зошто, како и фудбалските судии, беше „невидлив“. Што значи, одлично си ја вршел работата.

Уште еден секретар, овој пат на Се-Де-Се-то, откако ја „оправи“ партијата, станува вицепремиер. И Љупче ќе мора да се бори со фантоми, зошто во описот на работните задачи му измислија „борба против корупцијата и криминалот“. Кај има бе такво нешто во Нашата Земја? Па, „драгиот водач“ сто пати има кажано дека „блескаме“, дека сè што се работи е според Устав и закон. „Срамота е, луѓе“, море, грев ќе ве фати ако не му верувате на збор. Кога ве излажал?

А Бујар? „Срамота е, луѓе“ што го терате да врши инспекција на таблите дали се двојазични сега и во цел свет (кај што имаме амбасади и конзулати). Башка, го нема Коѕијас за да му завидува на смартфонот наспроти својот тефтер, па мудро да заклучи оти „ова е уште еден доказ дека ургентно ни е потребен напредок кон вредностите и стандардите на ЕУ“.

Конечно, „шу праиме“ со министрине за странски инвестиции што нè затрупаа со нови фабрики, а останаа без функција во новата влада? „Срамота е, луѓе“ што не ви текна да го реактивирате Самка и „пошто-зато“ да ја задржите Апостолска. Не ви е крива жената што не знае колку инвестиции влегле во државава во последниве три години, зошто толку многу се што не можат да се добројат. Освен тоа, „Гугл“ и „Фејсбук“ кој ќе ги внесе во земјава? Окапаа на граница чекајќи.

Има тука уште „чесни и одговорни кадри“, ама „срамота е, луѓе“ ако не им дадеме барем (уште) сто дена. Гарант сега ќе им тргне. Како на Ники на митингот:

SHARE