Среда среќен ден – Пишува Роберт Димитриевски

Одвај чекам да зазори. Да пукнат мугри. Да се појават првите сончеви зраци над градот убав.

Да дојде и тој ден. Среда. Ден среде недела (работна). Отсекогаш во мојата и во потсвеста на многумина други познат како „среда среќен ден“.

Ќе си станам порано. Ќе се стокмам и ќе излезам. Мала прошетка низ маало и правец – училиште. Попатно поздрав со соседите што исто како мене со нетрпение го очекувале новиот ден. Петнаесетти јули, лето Господово 2020.

Ден празник. Зошто секогаш на ваков ден атмосферата е празнична. Сигурно нема да бидам единствениот што ќе се упати кон училиштето расположен, полн со енергија, радосен што дошол долго очекуваниот ден. Ден крстопат. Ден во кој ќе нè биде или не.

Четири месеци не сум стапнал во училишниот двор откако нè нападна короништево, па горам од желба да ме погали сенката од дрвјата, свежината од тревникот, ѕидовите на новата зграда од која последен пат го зедов синот од дневен престој во средината на март.

Ех, спомени. Сеќавања на многу вакви празнични моменти во последниве безмалку триесетина години. Неспоредливо многу повеќе радости од потиштеност и нервоза. Оти мојата населба не попусто е означена како бастион. Се знае тука кого сакаме, а кого не. Така било од кога станав полнолетен, така нека биде и сега.

Одвај чекам да си ги сретнам милите соседи. Да скршиме троа лаф муабет. Да видиме шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред. Еснафи сме сите ние, домаќини, вртиме фамилија и знаеме што е добро, а што не за неа, за државата.

Знам, свесен сум дека некои од нив се плашат да дојдат поради страв од невидливиов непријател. Не ми е ниту на мене сеедно. Нема што да се лажеме. Но, отсекогаш сум верувал во она дека „со добра мисла, само добро ќе те снајде“. Има некој што озгора гледа сè и одвреме-навреме подвлекува црта и ни ја испорачува сметката. Ако сме грешеле – ќе нè казни, ако сме прави – нема да пропушти да нè награди.

А што има, мили Боже, поубаво, поправо од љубовта. Од сакањето на ближниот свој, на семејството, на татковината. Таа е секогаш тука за нас. И да сме ѝ згрешиле, пак ќе ги раскрили своите крилја, ќе ни прости, ќе нè прегрне, ќе нè утеши, ќе нè потсети кои сме и кому му припаѓаме. За никогаш повеќе да не заборават некои од нас.

Затоа, уште рано утро ќе прошетам до училиште за мојата Македонија. Страдалница, маченица, а толку горда, исправена, достоинствена, велика! За мене и за огромен број мои браќа и сестри Македонци и кој знае за колкумина уште од друга националност – незаменлива. Една и единствена. Мојата мајчичка, мојата љубов неминлива, моето сè. Мојата инспирација, моето и прво, и второ јас. Мојата кралица, моето богатство, мојата мајка над мајките, моето вчера, денес и утре.

Од љубов не се бега. Затоа, немам дилема – ќе излезам, ќе појдам до училиште и ќе ѝ возвратам со мојата ништожност за тоа што секогаш мисли на мене. Ќе го сторам тоа за мене, за моето семејство, за тие што ги сакам, за сите знајни и незнајни со кои битисуваме заедно под ова небо. Па, нека паѓаат и камења ако сакаат.

И чувствувам дека вечерта ќе славиме. Голема победа за Македонија. Знам и зошто. Едноставно е – „на Бога камења не сме фрлале, од други повеќе не сме грешеле, за една надеж, за трошка љубов, за малку среќа живееме“.

И не. Нема да им помине на оние што упорно (нè) лажат дека поважни биле парите од љубовта (кон татковината, кон тоа што сме), зошто името не можело да ни ги храни децата?! Дека само со терањето ќеиф на аздисаните околу нас ќе ни тргнело. Ако не оваа среда, другиот петок. Бесрамници! Неблагодарници! Недостојни да ја газат оваа света земја, 33 пати спомената во Библијата.

Од нас зависи, драги сонародници и сограѓани што чувствувате нешто за ова парче земја. Не од некој отстрана. Лично од нас. Ако се прошетаме до училиште, ако го направиме тоа што таа го очекува од нас.

Затоа, нека биде оваа среда среќен ден. За сите нас. За неа.

Македонија вечна!

SHARE