Среде коронакриза, ЕСМ исплатилa K-15 од 2,7 милиони евра!

Наспроти молбите на министерката за финансии Нина Ангеловска до граѓаните за донации во буџетот и зајмените речиси 1,2 милијарди евра за надминување на коронакризата, државната компанија ЕСМ поделила К-15 за 2020 година од безмалку 2,7 милиони евра!

На сите 5.661 вработени во јавното претпријатие порано познато како „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) им е исплатен регрес за годишен одмор од по 26.422 денари, односно по една просечна плата секому, вкупно 166 милиони денари, објави Фактор.мк.

Исплатата е извршена веднаш откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба.

Според тоа, исплатата е законска, но од Министерството за финансии сметаат дека постапката е некоректна, укажувајќи на моралниот аспект среде пандемијата од Ковид-19.

„Со укинувањето на уредбата од страна на Уставниот суд, нема законска основа по која може да им се ограничи ваквата исплата на јавните претпријатија. Сепак, во вакво време сите треба да го имаме предвид и моралниот аспект и одговорноста и оправданоста на секоја одлука која ја носиме“, велат оттаму за „Фактор.мк“.

(1 евро = 61,7 денари, според средниот курс на НБРМ)

SHARE