„Бараме договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа“, порача лидерот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ од изборната конференција на Регоналниот комитет за Преспа што се одржа во Пустец.

Ние сме лојални државјани на Република Албанија, но остануваме горди и достојни Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ, вели Стерјовски, единствениот пратеник Македонец во албанскиот парламент.

„Бараме промена на територијалната организација на локалната самоуправа, со цел формирање на две посебни општини во областите на Гора и Голо Брдо, бидејќи територијалната реформа на локалната самоуправа во 2015 година не даде резултати, таа не им помогна на Македонците кои живеат таму“.

Бараме гарантирани квоти за пратеници во албанскиот парламент за сите малцинства во Албанија: Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, и Бошњаците, вели Стерјовски.

Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што Македонците живеат, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на Македонски јазик, право на вероисповед на Македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците, рече меѓу другото Стерјовски.

SHARE