Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, побара во новиот изборен законик на Албанија загарантирани места за малцинставата.

„Со оглед на тоа што сегашниот изборен систем не гарантира можност за застапување на малцинствата во парламентот, неопходно е да се направат соодветни интервенции во Изборниот законик. Мора да се регулира учеството на малцинствата со загарантирани места во парламентот, каде малцинствата ќе го имаат својот глас, затоа што никој подобро од нивните претставници не може да ги брани и да ги адресира проблемите на малцинствата“, рече Стерјовски.

Тој истакна дека создавањето можности за застапеност на малцинствата во парламентот доаѓа како обврска што произлегува од меѓународните конвенции за заштита на националните малцинства, како и од меѓународните организации кои се занимаваат со прашањето на малцинствата, нивните права и слободи, со посебен акцент на нивното учество во политичките системи’, пренесе веникот „Илинден“ – Тирана.

Стерјовски, заедно со дел од пратениците од парламентарната опозиција остварија средба со претставник на американската Амбасада во Тирана, во врска со изборната реформа.

На средбата шефот на политичката и економската канцеларија на Амбасадата, Иан Крафорд го запознале со барањата, кои, според нив, мора да бидат вметнати во новата законска изборна регулатива со цел да се гарантира слободното гласање на граѓаните и застапеноста на малцинствата во идниот законодавен дом.

„Побарав поддршка од САД во нашите напори за смена на законодавството и гарантирање на застапеност на малцинствата во албанското Собрание со посебни квоти, како што тоа го има во многу поразвиени земји. Му објаснив дека по падот на тоталитарниот режим припадниците на македонското, како и сите други малцинства се раселени низ целата територија на Албанија поради што со постоечкиот регионален пропорционален систем малцинствата не може да обезбедат пратенички мандат“, изјави Стерјовски за МИА по средбата.

SHARE