Петтиот шеф на државата Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.

Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија.

Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија.

Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија.

Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Од ноември 2017 година Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.

Пендаровски беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година, а оваа година повторно беше избран за кандидат за претседател од страна на СДСМ и Коалицијата.

Победи и во двата изборни круга пред своите противкандидати Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река. Пендаровски во вториот круг од претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање.
Извор: Opserver.mk