Пратеникот Иван Стоиљковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, вели дека речиси е сигуран дека ако се направи анкета со поставено прашање, дали Македонија се движи во исправна насока, генерално во однос на националната, внатрешната, надворешната, економската и безбедносната политика, одговорот ќе биде – негативен.

„Во таа смисла одговорот на прашањето дали надвор од уставните рамки се гради двонационално општество е надвор од која било дилема. Вистинското прашање би било дали нешто се прави тоа да не биде така, за жал, и на тоа прашање одговорот е негативен.

Замислата за Македонија, а потоа и рамковна Македонија не беше таква, затоа навистина искрено сум загрижен за тоа каква ќе биде иднината на пострамковна Македониј“ вели Стоиљковиќ во интервју за МКД.МК.

Кога во далечната 2002 на еден редовен консултативен состанок на политичките лидери што се одржуваше под покровителство на меѓународната заедница го прашав идеологот на албанското движење во Македонија, Арбен Џафери, каква е улога на заедниците под 20% во политичкиот живот во однос на статусот на Албанците визави Охридскиот договор, тој одговори: „Проблемите што кулминираа 2001 можеа да се решаваат на повеќе начини, првиот беше консензуална демократија, вториот воспоставување на политичко-територијална автономија, третиот федерализација и четвртиот – конфедерализација на Македонија.

Ние како преговарачи се одлучивме за изградба на консензуална демократија. Меѓутоа поради големото влијание, авторитет и интегритет на професорот Робер Бадентер дадовме позначајно место на припадниците на заедниците под 20%, со што на пореален начин би бил отсликан мултиетничкиот карактер на Македонија и за да го зачуваме унитарниот карактер на државата”. Навистина се поставува прашањето, што не е јасно?

На прашањето дали ќе гласа за предложена мерка на новата влада за субвенции за вработувања на Албанци, Срби, Власи, Роми…, Стоиљковиќ вели:

„Ваквата политика во која Србите, Турците и другите се покритие за нечии политики не да не е прифатлива, туку можам отворено да кажам дека ваквите политички ставови само покажуваат дека навлегуваме во сивата зона на разумот.

Разумот веќе не престојува во Македонија. И она што треба навистина да нѐ загрижува е благиот однос кон ваквите идеи од креаторите на јавното мислење. Јавноста како да не е дорасната да им се спротивстави на ваквите лудости.

Напротив. Сѐ повеќе од очигледно е дека лудоста пуштила длабоки корени“вели Стоиљковиќ во интервјуто за МКД.МК.