„Да се зборува за избори во едни вакви услови не само што не е нормално туку е и морбидно, и ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа да биде дел од сценариото на Заев за организирано убиство на граѓаните. Ова е најсилен аргумент дека брзи избори ја движат државата кон изборна кланица, а не изборен и кредибилен демократски процес.

  До овде дојдовме затоа што владата, Филипче и Заев глумеа нормализација, а новото нормално е 58 новозаразени и бројка која постојано расте. Здравјето на граѓаните мора да биде пред сечиј политички интерес без оглед дали се работи за интересот на Заев или некој друг“, рече на прес конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, се поставува сериозен сомнеж и за работата на Комисијата за заразни болести, и препораките кои тие ги даваат во изминатиот период.

„Комисијата исто како и владата потфрли, а бројката на новозаразени потврдува дека е доведено здравјето на граѓаните во опасност. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и повикува на разрешување на Комисијата за заразни болести, и итно формирање на нова составена од експерти и надпартиски решенија кои ќе донесат итен пакет на мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, рече Стојаноска.

SHARE