Пoнудата на власта Собранието да функционира онлајн е неприфатлива бидејќи само служи како параван на власта за мнозинството на Заев во Парламентот кое е на стаклени нозе, изјави денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ,  Дафина Стојановска.

Ако може, според проценките на Филипче и Заев, сите останати да одат на своите работни места, па дури, нели, се прекина и породилното отсуство на мајките родилки зошто да не можат и пратениците и на ВМРО-ДПМНЕ и на власта да доаѓаат во Парламент и да носат одлуки и да гласаат.

„ Не можат само корона кризата да ја користат како заштита затоа што нивното мнозинство е тенко, што не можат седница да започнат затоа што мнозинството не им e присутно во сала. Тоа се ред на работи коишто уште од стартот се случуваат и верувам дека ќе се случуваат се додека овој парламентарен состав биде во функција“, рече Стојановска.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ смета дека нема никакви пречки Собранието да продолжи да функционира нормално, рече Сојановска и најави дека пратениците од оваа партија се подготвени за утрешната комисиска расправа за ребаланс на Буџетот.