Стојковски контра Каракачанов: Три предизвици за бугарскиот вицепремиер

Претседателот на една од највлијателните и најстари организации на Македонците во дијаспората Обединети Македонци, го анализира оргиналното интервју на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов кое Канал 5 го емитуваше во скратена форма.

Драги Стојковски го предизвикува Каракачанов со научни историски аргументи:

Три предизвици од „историчарот“ Каракачанов

Бугарската верзија (https://www.youtube.com/watch?v=D_UMS01IuXM) на интервјуто е околу 10 минути подолго од тоа што Канал 5 го даде на својата телевизија (македонска верзија – https://www.youtube.com/watch?v=ZBFsIYicIws). Нема никакви тајности извадени, но за жал, Канал 5 ја пропушти можноста да се посрамоти „историчарот“ Каракачанов кој ни даде три предизвици.

Имено, во 8 минути и 32 секунди Каракачанов прашува, „кажете ми пред 1944 година некој и кој е тој некој што зборува за одделна македонска нација…никој.“

Втор предизвик – во 13:04 – Каракачанов вели – „Во Штип се наоѓаат личниот дневник и тефтерче на Гоце Делчев. Ајде одете во Штип и видите Гоце Делчев по што бил учител…?“.

И трет предизвик – во 13.20 – Говорејќи за периодот пред Втората светска војна, Каракачанов вели– „Тогаш во Македонија никој не зборувал за некоја одделна македонска народност или некаков одделен македонски јазик.“ Слично и во 20.20 – „За МК јазик како политички јазик после 1944. Во историјата нема таков јазик.“

Еве јас како лаик, но голем љубител и истражувач на македонската историја, ќе го побијам првиот и вториот предизвик (ако не се лажам во минатото, истиов Каракачанов нудеше милион долари или евра на тој кој ќе ги сподели истите докази – сега изгледа е или постанат „политичар“, или пак не е веќе сигурен во своите убедувања), а ќе оставам вториот предизвик да го побијат тие кои таа тематика поопширно ја имаат обработено. Ако само ги истражиме канадските, американските и австралиските пописи пред фамозната 1944 година, кога, нели, македонската нација и јазик биле „измислени“, јасно ќе видиме дека Македонци по етничка и национална определба, и кои зборуваат македонски јазик кој бил „измислен“ во 1944-45 година, имало многу порано.

Имено, во американските пописи од 1910, 1920, 1930 година, во Упатството за попишувачите има список на признати јазици кои попишувачите можат да ги прифатат.

Меѓу другите балкански јазици (албански, бугарски, српски, грчки) именуван е и македонскиот јазик. Сигурно Тито имал времепловна машина, па се вратил во времето пред 1944 година и го „уфрлил“ македонскиот јазик во списокот. Во самите пописни листови има бројни етнички Македонци кои зборуваат македонски јазик.

Интересен е податокот од 1930 година, каде еден мешан брачен пар, сопругот роден во Македонија, етнички Македонец и со мајчин македонски јазик, додека сопругата е родена во Бугарија, етничка Бугарка и зборува бугарски јазик. Сигурно Каракачанов ќе најде некое објаснување, во стилот дека мешаниот брачен пар биле нешто збунети.

Одиме понатаму. Во канадскиот попис од 1911 година, значи една година пред делбите на Македонија, имало 813 жители на Канада кои, за местото на раѓање изјавиле „Македонија“ (иако како држава не постоела, но во свеста на Македонците таа постоела и кога немале државност). Потоа, на прашањата за нивната етничка (во прашалникот пишува расна или племенска припадност) и национална припадност, сите 813 родени во Македонија изјавиле дека е „македонска“. Во однос на јазикот, 582 – мина изјавиле дека дома вообичаено зборувале „македонски јазик“ (некаде попишувачот ја напишал целата придавка, некаде скратено „мак“), што претставува 71.6 насто од сите Македонци во Канада во тоа време. 88, или 10.8 насто од попишаните Македонци изјавиле дека зборувале „бугарски“; 44, или 5.4 насто изјавиле дека зборувале „грчки“; 27, или 3.3 насто дека зборувале „македонски и грчки јазик“; 18 мина, или 2.2 насто, дека зборувале „словачки или словенски јазик“ (изгледа попишувачите не биле токму сигурни) ; 14 мина не знаеле на кој јазик зборуваат или пак попишувачот не знаел; 9 мина зборувале „турски“ а 6 мина „англиски“ јазик; за 19 не е пополнет овој дел во листата, додека за 6 мина не е читко.

Од горенаведеното, кое се чува во Архивот на Канада, а истите податоци се поставени на интернет страната на Ансестри (Ancestry), доволно зборува дека Македонци и македонски јазик постоеле многу години пред 1944 година, и во време кога Тито бил на 19 години и/или бил гениј кој во тајност го чувал своето откритие на нов народ, или пак бугарските фашисти не признаваат тоа што постоело од дамнина, во стилот „тази дупче не е дупче“, или фашистичката окупација на Македонија во Втората светска војна во стварност била „ослободување“.

Има уште стотици, ако не и илјадници примери за посебноста на македонскиот народ и јазик, но ова е доволно од мене, а оставам до сите други љубители и страстни истражувачи на македонската историја да ја посетатат оваа страница на Јутјуб (https://www.youtube.com/watch?v=D_UMS01IuXM) и да постават дел од своите сознанија. Само немојте да трошите огромни суми пари со надеж дека сето тоа ќе го исплатите со наградниот фонд на Каракачанов. И тој е забеган како и нашите политичарчиња, но разликата меѓу нив е таа што тој е веќе влезен во НАТО и ЕУ, па може да тропа секакви глупости и да му биде простено, додека нашите за се‘ мора да внимаваат и/или да се извинуваат ако кажат некоја вистина која не им одговара на Бугарите (па и на Грците).

Драги Стојковски