Столе, комитите, војводите и “македонскиот стил” на борба (ФОТО)

Традиција, наследство, образование, потсвест, историја но не верувам и случајност е начинот на кој што капитенот на Вардар Стојанче Стоилов вчера го носеше тешкиот шампионски пехар на ЕХФ при средбата со “Комитите” на скопскиот аеродром.

Мала историска анализа на фотографии и текстови за македонски револуционери на интернет покажува дека Столе, колку и да изгледа тоа романтично и нереално го носи пехарот на ЕХФ на ист начин како што пред повеќе од еден век тоа го правеле дел од вистинските комити и војводите.

На фотографијата од десна страна е комита од четата на легендарниот Јордан Пиперка кој што на речиси идентичен начин ја носи својата пушка Берданка како и Столе својот пехар.

На фотографијата десно е војводата Јордан Гарванлиев кој си го одзел животот со последниот куршум во 1903 година кај Карбинци откако ја потрошил муницијата во битка со турскиот аскер.

И неговиот начин на држење на пушката е со ист стил на Столе само што тој ја носи на десното рамо.

Се разбира секоја аналогија на оваа компарација на Столе со употреба на оружје и насилство е погрешна и злонамерна.

Во 21 век оружјето на Столе и неговата генерација се головите, победите, трофеите и пехарите кои можат исто како пушките во 19 век да бидат корисни во битката за зачувување на националниот идентитет и меѓународна промоција на Македонското прашање.

А дополнително во таа битка да се користи “Македонски стил” на борба како што тоа се дефинира во руската воена наука.

Некогаш “македонски стил” означувал пукање со влегување на комита во метеж и брзо истрелување со два пиштоли кон турските војници кои не можеле доволно брзо да реагираат со своите долги пушки.

Сега “македонски стил” е да се отиде на Фајнал фор, со срце и знаење да се победат двата големи фаворити Барселона и Веспрем и враќање дома со трофеј како најдобар во цела Европа (два пати за 3 години).

Времињата и методите на битката за самоодредување и самопотрврдување на Македонците се менуваат, но борбата за Македонија никогаш не запрела.

И нема да запре.

Фејсбук статус на Горан Момироски

SHARE