Столтенберг: Русија го попречува влезот на Македонија во НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја обвини Русија дека го спречува стапувањето на Македонија во Алијансата, како што го правеше тоа и со Црна Гора, според него.

„Видовме, исто така, на пример, како Русија се обиде да го спречи стапувањето во НАТО не само на Бившата Југословенска Република Македонија, туку и на Црна Гора. Набљудувавме неуспешен обид за преврат“, рече Столтенберг во својот настап пред Фондација „Херитиџ“ во Вашингтон.

Според Норвежанецот, има многу примери за „обиди на Русија да се меша во политичките процеси во разни земји на НАТО и во земјите-партнери, вклучувајќи ги и обидите преку социјалните мрежи“.

Македонскиот премиер Зоран Заев неодамна изјави дека нема докази за директно мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија, но и оти земјата нема алтернатива за полноправното членство во НАТО и во Европска унија.