„СтопКорона“ е високоризична апликација – Пишува Горан Момироски

Денеска изутрина тргнав да ја инсталирам апликацијата СтопКорона преку која наводно можам да се информирам дали околу мене во продавници, автобус, банки има луѓе кои се носители на коронавирусот.

Пред да го инсталирам програмот од андроид базата на “Google play” поучен од други инциденти со апликации кои се обидувале да извадат информации од мојот телефон се консултирав со луѓе кои ја знаат оваа проблематика.

Според двајца од тројца добро упатени апликацијата освен што не е корисна и практична затоа што ја немаат инсталирано 99 % од граѓаните а тие што се заболени не откриваат јавно, таа е и опасна по личните податоци.

Она што го добив како информација од повеќе извори е крајно проблематично.

Имено анализата на апликацијата “СтопКорона” која Владата и министерството за здравство ја користат со цел да се намали комуникацијата на граѓаните со заболени од Ковид19 преставува потенцијална опасност по приватните податоци на луѓето што ја симнуваат на своите телефони.

Според извештајот подготвен од група активисти за човекови права на интернет просторот кој ми беше доставен попладнево, владината апликација може да собира лични податоци на корисниците кои што не се информирани за тоа.

Според владата апликацијата која има и други недостатоци што влијаат на ефикасноста во битката против коронавирусот е безбедна за граѓаните.

Сепак според извештајот до кој дојдов апликацијата е високо ризична и не треба да се користи за било каква употреба без на граѓаните да им се објасни дека нивните најинтимни информации може да дојдат во посед на државата или на други фактори.

Според извештајот апликацијата собира податоци од апаратот на корисникот најмалку за “гео-локација” и движење а преку неа може да се има пристап и до
слики и видеа од мобилните телефони на корисниците за што тие не се свесни.

Очекувам во најкус можен рок Владата да ги расчисти дилемите за опасноста по приватноста на граѓаните за да немаме утре поинаков вид проблеми.

Кривичното дело за ваков вид криминал е познато. А одговорноста останува дури и ако во случајот немало намера за масовно следење на приватноста на граѓаните.

SHARE