Судир Берлин – Париз, ЕУ на вонредни консултации за Македонија и Албанија

Завчера и вчера се одржаа два состаноци на COREPER (тело на постојаните претставници на земјите членки во ЕУ) каде е дискутирано и прашањето за носење на одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Но, засега не е постигнат консензус на оваа тема, пишува претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието Антонио Милошоски.

“Германија, заедно со десетина други членки, меѓу кои и Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска и други, предлага:
– одлуката за Македонија и Албанија да биде донесена овој октомври, со тоа што меѓувладината конференција со Македонија, што е и званичен почеток на преговорите, би се одржала не покасно од март 2020 година
– почетокот на преговорите со Албанија би се одобрил, но без конкретен датум за одржувањето на меѓувладината конференција
Франција, поддржана од уште 3 земји членки, смета дека реформите во Албанија и Македонија не се доволни и предлага
– одлуката за евентуални преговори да се донесе во март-април 2020, а меѓувладините конференции да почнат откако и двете земји ќе исполнат дополнителни реформски услови
– претходно Европската комисија да поднесе посебен извештај за текот на реформите во двете земји
– во истиот период ЕУ и ЕК да усвојат нова методологија на водење на преговори и прием на нови членки, со засилен мониторинг и можност за реверзибилност на процесите”, пишува Милошоски.

Група на ЕУ членки кои имаат разбирање и за француската и за германската позиција, и сакаат да се најде консензус, предлагаат одлуката за Македонија и Албанија да се одложи за декември оваа година, но тоа изрично да се наведе во заклучоците овој октомври.

Дополнителни компликации предизвикуваат издвоените позиции на Холандија, која сака раздвојување на пакетот Македонија-Албанија па потоа носење на одлука за преговори, за разлика од Италија и Грција кои инсистираат Албанија и Македонија да се третираат во пакет и одлуката за преговорите да се донесе за двете земји истовремено.

За во понеделник е свикан нов состанок на COREPER, како обид за постигнување на консензус пред министерскиот Совет за општи работи кој треба да заседава во вторник, на 15-ти Октомври во Луксембург.

SHARE