Судир меѓу „охридското“ и „македонското“ крило во МПЦ, Вранишковски нуди помош

Најмалку тројца владици на Светиот синод на МПЦ-ОА реагирале остро против барањето до вселенскиот патријарх Вартоломеј да биде примена во семејството на православни цркви, а за возврат да се откаже од првиот дел од своето име Македонска православна црква и да се нарекува „Охридска архиепископија Јустинијана прима“.

Тројцата владици бараат седница на Светиот синод и гласање за оваа одлука, која што била донесена во координација меѓу поглаварот Стефан, еден владика близок на премиерот Зоран Заев и самиот Заев, кој според еден од владиците ниту според црковниот ниту според уставот на РМ не смее да се меша во работата на Црквата.

Упатувањето писмо до Вартоломеј од страна на политичка фигура е лошо за имиџот на МПЦ-ОА затоа што црквата секогаш била над политиката и тоа мора да остане така, коментира владика што смета дека поразот доживеан во авантурата со Бугарската црква не смее да се замени со нова авантура која што исто така може да биде неизвесна.

Цариград слично како и Грција нема да прифати двојна формула за црквата, патријархот Вартоломеј како формален лидер на православието и на блокот грчки цркви мема да се согласи внатре МПЦ да го користи актуелното име, а надвор да комуницира со новото.

Сложеноста на собитијата во црквата се гледа и кај изјавата на европскиот епископ Пимен.

„Името на МПЦ-ОА се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото народи што ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, бидејќи имаме национално име како МПЦ“, изјави владиката Пимен пред четири дена за време на прославата за 1.000-годишнината од постоењето на Охридска архиепископија.

Недвосмисленоста на изјавата на епископот европски Пимен, кој е најблизок на владиката Наум, за кого во црковните кругови се смета дека е духовник и близок на Заев, покажува само делови од судирот во Синодот, кој засега само тлее, но не се исклучува и отворена пресметка меѓу „македонското“ и „охридското“ крило во МПЦ.

Лани во јуни на средба во Владата владиката Наум бил дел од состанокот со бугарскиот тајкун Милен Врабевски и со европратеникот Андреј Ковачев, со кои било договарано барањето за БПЦ да стане црква-мајка на МПЦ.

Да биде состојбата уште покомплицирана, српскиот егзарх Вранишковски деновиве понудил помош до одредени владици на МПЦ. Ексвладиката на МПЦ понудил да посредува српски и грчки експерти да помогнат во контактите со Цариградската патријашија и да изнајдат правна рамка за влез на МПЦ во канонско единство со православниот свет.

Од МПЦ сè уште нема информација дали Синодот заседавал за оваа тема, ниту дали наскоро ќе има седница за прашањето.

Според познавачи на состојбите во МПЦ, ако има гласање, според распоредот на силите во Синодот, заговорниците за откажување на „македонскиот дел од името“ тесно ќе победат, затоа што сега ја имаат поддршката од Владата, нешто што недостигаше за време на потпишувањето на Нишкиот договор.