Свет

Чувајте дома храна за 3 дена, заедно со ќебиња, готовина, батериска ламба…

Кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready) ги поттикнува граѓаните да направат залихи што ќе им овозможат да преживеат 72 часа без пристап до стандардните услуги и комунални добра, а иницијативата е покрената како одговор на растечката загриженост на властите во врска со последиците од климатската криза, зависноста од технологијата и заканите од непријателски настроени држави

 

На Британците им е препорачано дома да чуваат до девет литри флаширана вода и залихи храна за три дена. Станува збор за нови владини препораки чија цел е да им помогнат на домаќинствата да се подготват за настани како што се екстремни временски услови, сајбер-напади или други сериозни вонредни ситуации.

На граѓаните им се советува дома да имаат залихи од ќебиња и готовина, комплет за прва помош, батериска ламба со батерии, како и преносно FM радио што се навива рачно. Исто така, се препорачува да се обезбедат по три литри вода за пиење дневно за секое лице, а дополнителни количини се потребни за готвење и миење.

Кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready) ги поттикнува граѓаните да направат залихи што ќе им овозможат да преживеат 72 часа без пристап до стандардните услуги и комунални добра.

Според „Гардијан“, иницијативата е покрената како одговор на растечката загриженост на властите во врска со последиците од климатската криза, зависноста од технологијата и заканите од непријателски настроени држави.

Ден Џарвис, министерот задолжен за безбедност, изјави дека ова се „едноставни чекори што граѓаните можат да ги преземат за да се подготват за вонредни ситуации“ и дека се дел од поширок напор, насочен кон заедницата, чија цел е „зголемување на отпорноста на нацијата“.

Министерот за одбрана Вес Стритинг додаде дека Велика Британија мора да се подготви и за заканата од „државно спонзориран тероризам“, односно напади од страна на Русија или други непријателски сили врз инфраструктурата што граѓаните ја користат секојдневно.

„Термини како ’хибридно војување‘ и ’закани од сивата зона‘ не го опишуваат прецизно, ниту пак јасно ѝ пренесуваат на пошироката јавност она што јас претпочитам да го нарекувам ’државно спонзориран тероризам‘“, тврди тој.

„Соочени со овие закани – кои не се хипотетички, туку реални, и кои не се случуваат некаде далеку, туку се сè поприсутни овде – мораме да ги засилиме напорите и сериозно да пристапиме кон националната отпорност, како и кон националната одбрана“, додаде тој.

Уште во август, владата најави дека ќе им препорача на граѓаните во Обединетото Кралство да направат залихи од конзервирана храна, но кампањата „Биди подготвен“ („Be Ready“), која ја спроведува Кабинетот на Владата, дава попрецизни упатства. По нејзиното започнување, ќе следи и рекламирање на социјалните мрежи и на радиото.

Обезбедувањето залихи за три дена се смета за реален и практичен предлог за домаќинствата. Со ова, Обединетото Кралство ќе им се придружи на Франција, Ирска и Холандија, кои исто така издаваат упатства до граѓаните да се подготват за сериозни нарушувања.

 

Најнови вести од: Свет

Мерц со порака до Западниот Балкан: Ослободете се од минатото, ако сакате иднина во ЕУ!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика земјите од Западен Балкан да не останат заробени во минатото, предупредувајќи дека поделбите и поларизацијата не придонесуваат за изградба на подобра европска иднина. Според Мерц, застојот во дијалогот меѓу Приштина и Белград го кочи целиот регион, поради што е неопходен итен напредок.

ЕУ ќе бара од Канада и Британија поголемо финансирање за Украина

ЕУ и нејзините земји-членки обезбедуваат 80 отсто од помошта за Украина, изјави Урсула фон дер Лајен и истакна дека итно е потребно други партнери да го пополнат финансискиот јаз од 70 милијарди евра со кој Киев ќе се соочи следната година

To top