Портпаролот на британската Влада потврди дека Лондон преговара за „амбициозен пакет мерки“ со Европската унија, кој меѓу другото ќе вклучува и санитарен и фитосанитарен договор за трговија со храна и пијалаци.
Владата на Велика Британија официјално и́ поднела предлог на ЕУ за создавање единствен пазар за стоки, но Брисел ја отфрлил оваа идеја, пренесуваат британските медиуми.
Според „Гардијан“, Европската унија наместо тоа предложила Велика Британија да се приклучи кон царинската унија или да прифати подлабоко економско усогласување преку Европскиот економски простор. Ова, според анализите, би го принудило премиерот Кир Стармер да го повлече своето досегашно цврсто противење на слободното движење на работници.
Сепак, британските претставници уверуваат дека ЕУ не го отфрлила дефинитивно предлогот за единствен пазар на стоки и дека прашањето останува отворено за дискусија на планираниот билатерален самит во јули.
Владата на Стармер во последно време сè поотворено зборува за сериозните економски последици од Брегзит. Министерката за финансии, Рејчел Ривс, уште во март изјави дека Лондон е подготвен да се усогласи со голем дел од деловните правила на ЕУ, со цел намалување на трговските бариери.