Американската вселенска агенција, ги повика американските државјани да аплицираат за можноста да живеат и работат на Месечината.
Рокот за пријавување трае до 3 декември, а на порталот за вработување е наведено дека се достапни само „неколку позиции“.
Годишната плата изнесува 164.395 долари, а од избраните кандидати ќе се бара да се преселат во Хјустон за да работат во Вселенскиот центар „Џонсон“, пренесува CBS News.
„Луѓето што ќе ги избереме би можеле да чекорат по Месечината, да живеат и работат во лунарна база и да помогнат во развојот на системите и операциите кои на крајот ќе ги однесат екипажите на Марс“, изјави администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман.
„Овие мисии ќе бараат техничка извонредност, правилно расудување, тимска работа и храброст.“
Иако повикот за пријавување е отворен за сите американски државјани, кандидатите мора да исполнат строги образовни критериуми. НАСА наведува дека кандидатите мора да одговараат на еден од четирите профили: да поседуваат магистерска диплома по инженерство, биологија, физика, компјутерски науки или математика; или да имаат завршено две години докторски студии во една од овие области; …да имаат завршено студии по медицина, или програма за лекарски асистент или медицинска сестра со проширени овластувања; или, до јули 2027 година, да имаат завршено програма во признато училиште за тест-пилоти.
Од кандидатите, исто така, се очекува да бидат подготвени за работа во опасни ситуации и за живот во изолирани, мали или тесни простори во текот на подолги периоди. Ова вклучува престој во вселената во траење од 12 месеци или подолго, што подразбира соочување со екстремна изолација, скромни услови за живот и одвоеност од најблиските.