Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска одржа средба со рускиот колега Владимир Путин на маргините на Самитот на АПЕК што се одржува во кинескиот град Шенжен.
За време на средбата, Путин истакна дека надворешнополитичкото партнерство меѓу Москва и Пекинг се развива стабилно и позитивно на меѓународната сцена.
Од своја страна, кинескиот лидер ги повика двете страни да преземат поконкретни чекори за продлабочување на сеопфатната соработка и да придонесат кон зајакнување на трендот кон мултиполарен свет.
Си Џинпинг нагласи дека односите меѓу Кина и Русија останале отпорни и покрај меѓународните превирања.
Во пресрет на средбата, Јуриј Ушаков, помошник на претседателот на Руската Федерација рече дека Почетните преговори, во кои ќе учествуваат соодветните делегации, првенствено ќе се фокусираат на изгледите за развој на билатералната соработка во економската сфера“.
Тој напомена дека од 2010 година, Кина постојано ја држи позицијата на водечки надворешнотрговски партнер на Русија, додека Москва се наоѓа на петтото место меѓу партнерите на НР Кина.
„Во 2024 година достигнавме рекордно ниво, при што бројката достигна 245 милијарди долари. Сепак, според тековните прогнози, овој историски максимум ќе биде надминат оваа година. Само во првите три квартали, трговската размена веќе достигна 216,4 милијарди долари“, прецизираше Ушаков.
Според него, во економската сфера, дискусиите ќе се фокусираат – конкретно – на области на соработка како што се енергетиката, финансиите, високите технологии и вештачката интелигенција.
Ова е петта средба меѓу претседателите на Кина и Русија во текот на оваа година.