Да беше жив денес Карл Маркс, ќе беше горд на потврдата на својата теорија за одумирање на државата и бескрајно благодарен на Таљат Џафери и на лажните Македонци од партијата на која не ѝ личело да биде патриотска што го овозможија тоа. Дезертерот од АРМ со потписот врз Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците, покрај жив и здрав претседател на државата надлежен за тоа, емпириски ја потврди марксистичката теорија за постепеното исчезнување на творбата наречена држава. Рано му било да го направи тоа додека ја носел униформата на ЈНА, кога многумина негови сонародници беа идеолошки диференцирани како марксисти-ленисти и завршија зад решетки како контрареволуционери, но дочека да ѝ го стори тоа на македонската држава, која го прибра и му даде леб за да ја брани?!

Додека неговиот соборец во урнисувањето на тоа што со крв го изборија илјадници Македонци низ историјата, наводно, скија во Германија, а министерчиња ги прекоруваат „репрезентативците-политичари“ за љубовта и гинењето за татковината на ракометниот терен, „командант Форина“ со еден автограм ја заврши работата. Мастилото од командантот на 116. бригада на УЧК дотури сол врз живата македонска рана и масло врз оганот во душата на Македонците. На одобрување од „прогресивните“ Северџани, со тоа дополнително ги оддалечи од државната заедница со која се идентификуваа(т), па дури 83,7 отсто од нив, според неодамнешна анкета, посакуваат да фатат џенем од тука.

По сите урнати столбови на правниот поредок во Македонија, почнувајќи од насилното инаугурирање на „спикерот“, заклучно со игнорирањето на јасно искажаната волја на народот со масовниот бојкот на неуспешниот референдум од 30 септември, каква смисла има постоењето на ваква држава? Чуму ни е партал од владеење на правото, со кое брише под кој стигне пред широко затворените очи на „демократите“ од Европа и отаде Големата Бара? Каква смисла има издвојувањето од устата на своите деца за да се (на)храни чудовишната наказа пред која и Франкештајн би занемел, ако за возврат не може да се остварат ни елементарните човекови права? Зошто би плаќале сметки, даноци, царини, акцизи и што уште не за да земаат плата тие што не фермаат ни Устав, ни закон, односно ги спроведуваат само врз немоќните и незаштитените?

Всушност, Маркс има среќа што не им е современик на растурикуќиве што катаден обесмислуваат сè врз што почива секоја нормална државна заедница. Кој знае што би рекол за нивната иновативност во создавањето нова теорија, „надградена и проширена“, според која по одумирањето на државата општеството се враќа во првобитна заедница во која не постои држава. Посовршен пример за тоа од денешна Македонија ниту имало, ниту ќе има.

SHARE