Ѓорѓи Абаџиев, писателот на „светлосната згорнина“ на македонскиот народ: Секој треба да си го плати долгот кон татковината!
„Навлегуваше во неговиот ум јаснина како да излегол од хаосен мрак на светлосна згорнина… Другарите, кои загинаа, го исполнија својот долг. Треба и ние да го исполниме нашиот долг… Да се свртиме кон себеси, кон нашата положба… Вистинската смисла на човечкото живеење е во непрекинливата акција, во волјата на човекот да дејствува.“ – напиша големиот македонски писател Ѓорѓи Абаџиев во својот бележит историско-психолошки роман „Пустина“ за времето непосредно пред Илинденското востание, пролетта 1903, и солунските атентатори — гемиџиите. Абаџиев ја вградува во него пораката дека секој на свој начин треба да си го плати долгот кон својата татковина. Вчера, на 2 август се навршија 63 години од неговата смрт. Овој знаменит македонски книжевен деец како да зрачи и денес со пораките од „Пустина“ дека македонскиот народ треба токму денес да се извиши кон „светлосна згорнина“ од „хаосниот мрак“ во кој го туркаат, оти треба „да се сврти кон себе и кон положбата, во која се наоѓа“, барајќи ја „смислата на своето постоење во непрекинливата акција, во својата волја да дејствува“.