Утврдувањето на македонската азбука на 3 мај 1945 – чин од немерливо значење за „бетонирањето“ на идентитетот и јазикот на македонскиот народ во светот
На денешен ден, на 3 мај 1945 година се случи еден од вајважните моменти во поновата политичко-национална и културно-јазична историја на македонскиот народ, со немерливо значење за затврдувањето на македонскиот јазик и идентитет на македонскиот народ во Балканот, во Европа и светот. Народната влада на Федеративна Македонија донесе решение за утврдување на македонската азбука која има 31 буква. Министерскиот совет на НР Македонија, по повеќемесечната работа на неколку комисии, врз основа на Резолуцијата на последната Комисија за јазик и правопис при Министерството за народна просвета, ја усвои македонската азбука, заснована врз фонетскиот принцип. Фонетскиот принцип значи дека за секој одделен глас во јазикот има буква во азбуката. На 5 мај азбуката се официјализира со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија. По два месеца Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.