Тимоние: Не е Франција виновна, туку тие што ветувале датум


Франција често пати предупредувала дека реформите се клучни за започнување на преговорите, а Преспанскиот договор е само еден предуслов, рече францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, на прес- конференција на која ја објаснуваше одлуката на Франција за недавање датум за преговори на Скопје и на Тирана.

Но, како што вели, реформите не се до крај исполнети, а фокусот се префрлил само на договорот со Грција, додавајќи дека датумот не требало да се третира како награда за Преспанскиот договор.

Францускиот амбасадор вели дека за недобивањето датум не е одговорна само Франција, туку и земјите што и ветувале на Македонија дека на овој самит ќе го добие фамозниот датум,

Тимоние вели дека го разбира разочарувањето кај народот, но дека по надминувањето на емоциите треба да се постават прашањата за идната перспектива и да се подготват сите за иднината на земјата.

„За време на летото се подигнаа очекувањата дека одлука ќе биде компензација за Преспанскиот Договор. Се случи чудна промена на перспективите, тоа беше случај со некои наши партнери. Како набљудувач често пати се прашував како од објективна проценка на агенда преминавме на награда за постигнат договор. Тоа не беше француската перспектива и не била од самиот почеток. Преспанскиот договор е предуслов за да се расчисти патот, но европската агенда е друго прашање. Таа перспектива од секогаш била многу јасна и од француска страна беше пренесена на нашите грчки и македонски соговорници и таа перспектива беше загубена по пат. Имаше чудно преместување на вниманието кое повеќе навлага во политички маркетинг“, рече Тимоние.

SHARE