Бразилецот Жозе Толедо се прости на Инстаграм од европскиот ракометен шампион Вардар како да е Македонец, искажувајќи голема почит кон Македонија, нејзиното знаме и народ.

„Благодарам многу Република Македонија! Од семејни и приватни причини, нема да бидам дел од убавата иднина на Вардар. Би сакал да им се заблагодарам на сите соиграчи од минатава сезона, на сите што работеа во клубот и на целиот народ на Македонија, без исклучок Како на оваа фотографија, се надевам дека ќе погледнам и ќе се насмевнам, ќе го видам знамето на Република Македонија и симболот на Вардар на највисокото место на пиедесталот, каде што припаѓа и никогаш не треба да се симне. Ви благодарам и илјада пати ви се извинувам што не успеав да се покажам во светло како што посакував!“, напиша десниот бек на „црвено-црните“.

Толедо дојде во Вардар минатата година од полската екипа Висла Плоцк, но поради повредата и операцијата заигра само на последните три натпревари од Лигата на шампионите и постигна вкупно четири гола. Во новата сезона ќе ги брани боите на Баја Маре од Романија.

SHARE