Градоначалникот на Скопје и премиерот дефинитивно не споделуваат иста идеја кое е најдобро решение за градскиот превоз во Скопје и за намалувањето на загадувањето. Единствено се согласуваат дека таквиот проект треба да чини – 100.000.000 евра.

Петре Шилегов, се чини крена раце од идејата за изградба на трамвајска линија во главниот град што ја најави пред една година, па сега зборува за автобуси на струја.

„На крај сме на разговорите со владата за финансирање на проектот. Планираниот трамвај во полн профил ќе го замениме со таканаречен Bus rapid transit (Брз автобуски превоз) рече Шилегов на одбележувањето на двегодишнината на чело на Град Скопје.
„Технологијата што јас ја одбирам е погон на водород со нус продукт водена пареа. Тоа ќе продуцира емисија на нула штетни гасови во атмосферата.“
Шилегов вели дека со овој проект нема да биде опфатен само „рбетот на градот“, односно оската исток-запад, туку новиот транспорт ќе оди и по линијата север-југ, односно од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, и од Кисела Вода до Бутел.

Решението што го нуди Шилегов е различно од најавата на премиерот Зоран Заев кој вчера попладне од собраниска говорница зборуваше за трамвај на гуми кој ќе го реши проблемот на загадувањето на Скопје.

„Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Градот Скопје и да влезе во проект којшто ќе го овозможи електричниот трамвај на гуми во Скопје, со проектирана вредност некаде околу 100 милиони евра“, рече Заев.

SHARE