(ТРЕТ ДЕЛ) Полицајци, лекари и правосудни лица 30 месеци спасуваат насилници блиски на власта – Пишува Горан Момироски

Во земја во која луѓе за 30 ќебапи завршуваат на робија а политичари и други јавни функционери шетаат по плажи и покрај очигледни индиции за криминал никој не ги гони, логично е да бидам претпазлив и додека не ги соберам сите факти да не објавувам имиња на моќни луѓе кои се вплеткани во незаконски работи.

Ова е одговорот на прашањата зошто не објавувам имиња на тие што 30 месеци учествуваат во прикривање на насилници.

Случајот со натепаниот свештеник чиј напаѓач го штитат моќници е само еден пример зошто треба да се биде внимателен.

Случајот со објавување на приказните на Бранко Героски кои доведоа до најсложената политичко-правосудна сага е показател дека и со претпазлив и темелен пристап може да се приближите до резултати и правда.

Случајот со објавување на аферата Рашковски и МНАВ и мое повикување на информативен разговор во МВР, уште подобро укажува дека во битката со моќта и неправдата треба да се биде внимателен, темелен и поткрепен со факти и сето тоа да биде во рамки на законот и етиката.

Во третото продолжение на случајот “Прикривање на насилници” јавно поставувам прашања на Институтот за судска медицина, важна институција која може да помогне во расчистување на дилемата зошто за човек кој на друг човек му ја скршил ногата, по 30 месеци нема казна ниту таа е блиску.

За тие што не го следат случајот од почеток:

(ВТОР ДЕЛ) Полицајци, лекари и правосудни лица 30 месеци спасуваат насилници блиски на власта – Пишува Горан Момироски

Со оглед на тоа што на интернет нема електронска адреса на Институтот за судска медицина а на телефонот 02 317 7044 не можев да добијам никого од овластените лица на судска медицина јавно ги поставувам прашањата до нив.

Во одговорите на овие прашања лежат голем број нејаснотии во случајот “Прикривање насилници”.

Прашања до Институтот за судска медицина во Скопје, кој е надлежен за случајот со свештеникот на МПЦ кој доживеал тешка телесна повреда во напад кој, да потестам, е снимен со повеќе камери:

1. Дали во октомври 2017 година имате добиено наредба од Основното јавно обвинителство да извршите судско-медицинско супер вештачење и да дадете стручно мислење по однос на видот и карактерот на повредите на лицето Виктор Стојчев од Скопје? (Предметот во ОЈО се води под број КО1 бр.272/17)

2. Ако не е доставено во октомври, дали воопшто и кога имате доставено налог за вештачење на повредите на оштетениот Виктор Стојчев?

3. Дали до сега го имате повикано оштетениот Виктор Стојчев за дополнителен медицински преглед за да ги утврдите евентуалните последици од повредата?

4. Ако не сте го повикале, зошто не сте го повикале до сега?

5. Колку време е потребно за да се изврши вакво вештачење?

6. Дали е точно и ако е точно, зошто од октомври 2017 година до сега не е завршено вештачењето за овој случај?

7. Ако е завршено вештачењето дали е доставено до ОЈО и кога е тоа направено?

8. Ако е завршено вештачењето, дали повредата на Виктор Стојчев е оценета како тешка „телесна повреда“ или како „телесна повреда“?

9. Кому во Судска медицина му е доделено вештачењето на оштетениот Виктор Стојчев?

10. Дали во изминатиот период има некакви притисоци или обиди за влијание на изготвувањето на вештачењето во однос на стручното мислење?

11. Дали фрактура на скочен зглоб е тешка телесна повреда или само телесна повреда?

12. Дали е точно дека во медицинската пракса сите скршеници на екстремитети се квалификуваат како „тешка телесна повреда“?

На потег е Институтот за судска медицина Скопје.

SHARE