Букурешкиот договор, загинувањето на осумтемина армиски резервисти кај Љуботенски Бачила и убиството на војводата Јордан Пиперката го обележија 10 август во македонската историја.

Со мировниот договор од Букурешт во 1913 година Македонија е поделена така што најголемиот дел, Егејскиот, со површина од 34.356 км2 го добила Грција, Вардарскиот со површина од 25.342 км2 го добила Србија, Пиринскиот со 6.798 км2 ѝ бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 км2 во западниот дел. 

Кај Љуботенски Бачила во 2001 година животот го загубија Томе Бадаревски (33), Марјанчо Бошковски (28), Томе Димовски (37), Ивица Златевски (24), Бранко Јанев (36), Раде Јанковски (32), Томислав Настевски (27) и Гоце Чанкуловски (39) од резервниот состав на Армијата на Република Македонија (АРМ). Воениот камион со кој се превезуваа нагази на две противтенковски мини поставени од ОНА, а покрај осумтемина загинати уште толку македонски војници беа повредени.

Војводата Јордан Силјанов Пиперкоски, попознат како Јордан Пиперката, загинува на 33 години за време на Илинденското востание во битка со турскиот аскер кај демирхисарското село Цер. Омилен кај народот, одличен стратег, неуморен во помагањето со своите комити на другите македонски чети, минувајќи и по 60 километри само да стаса каде што имало потреба, членот на Македонската револуционерна организација ќе остане запаметен и по изјавата: „Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека една педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, туку наша ќе биде“. Народот го опеал во многу песни, од кои најпозната е „Се собрале комитите“.

SHARE