Сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски, бара Народната банка да ја повлече одлуката за стечај и за тоа бара поддршка од сите политички партии, владини, невладини и верски институции за да се врати Еуростандард во првобитната положба со тоа што Народната банка на Република Македонија ќе ја повлече одлуката за стечај.

„ Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно во согласност со Законот за банките. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните.

Потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор“, вели Костовски.

Од Народна банка возвратија дека работат исклучиво по законите и во интерес на граѓаните и дека имало доволно време да се обезбеди неопходниот капитал од сопствени извори или од  потенцијален инвеститор.

„Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка. Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка“, велат од Народна банка.