Голот на Тони Крос во петтата минута од судиското продолжение го комплетира пресвртот на Германија против Шведска за триумф од 2:1 и за задржување на надежите на „панцерите“ дека ќе бидат прва репрезентација што ја одбранила светската фудбалска титула по Бразил во 1962 година.

Успешниот лоб на Ола Тоивонен во првото полувреме ги доведе Германците на работ на елиминација од Светското првенство во Русија, но во почетокот на вториот дел израмни Марко Ројс, кој беше стартер на местото на Месут Озил.

Избраниците на селекторот Јоаким Лев притиснаа во вторите 45 минути, дури и по исклучувањето на Жером Боатенг осум минути пред крајот поради втор жолт картон, знаејќи дека со реми нивната судбина ќе остане во туѓи раце.

По овој резултат сите четири тима од групата Ф остануваат во игра за осминафиналето, а кој од нив ќе успее во тоа ќе покаже последното коло на 27 јуни, во кое Мексико ќе игра со Шведска во Екатеринбург, а Германија против Јужна Кореја во Казан.

Белгија го растури Тунис со 5:2 со по два погодока на Ромелу Лукаку и на Еден Азар, а еднаш погоди Батшуаи во мечот од групата Г, додека головите на Брон и на Хазри само го ублажија поразот.

Мексико ја совлада Јужна Кореја со 2:1 со реализираниот удар од белата точка на Карлос Вела и со голот на Хавиер Ернандес, а почесниот погодок на Корејците во судиското надополнување на времето беше дело на Сон Хеунг-Мин.