Седуммина повредени во несреќата при експлиозија на плинска боца во селото Романовце, во која загинаа три лица, денеска се донесени на Клиниките во Скопје, објави МИА.

Тројца од нив се во животозагрозувачка состојба, информираат за МИА од Клиничкиот центар и Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје.

Во Ургентниот центар во Скопје се префрлени четворица пациенти, од кои двајца се во критична состојба и се префрлени на КАРИЛ со изгореници на поголема површина по телото, додека другите двајца се во тешка, но стабилна состојба на Пластична хирургија.

На Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, како што информираше за МИА директорот, доктор Љубен Арсенков се донесени тројца повредени во несреќата, од кои една жена е во животозагрозувачка состојба и со изгореници од трет степен.

Во болницата се префрлени и една помлада бремена жена и дете на возраст од околу десет години, кои се со помал степен на изгореници и не се во критична состојба.

Експлозијата настанала во 10 часот во куќата на Ш.А во село Романовце, соопшти СВР Куманово. Од експлозијата на плинската боца настанал пожар во кој три лица починале на лице место.