Турција ја предупреди Македонија и ја нарече ФИРОМ

Поранешна Југословенска Република Македонија да не ги следи САД и да се откаже од намерата за преселување на амбасдадата од Тел Авив во Ерусалим, ѝ порача официјална Анкара преку својата официјална новинска агенција Анадолија.

Анадолија јавува дека заменикот на спикерот на турскиот парламент Ахмет Ајдин, обраќајќи се на 23. Конгрес на Палестински национален совет во Рамалах ги предупредил сите оние земји кои се подготвуваат да тргнат по Вашингтон во преселувањето на своите амабасади, да не преземаат таков чекор.

„Преселувањето на амбасадите во Ерусалим ќе биде срам за идните генерации и црна точка во историјата на овие земји“, рече Ајдин.

Иако високиот турски функционер зборуваше воопштено, турската државна агенција Анадолија набројува дека меѓу овие држави се Гватемала, Хондурас, Парагвај и Поранешна Југословенска Република Македонија.

Индикативно е тоа што Турција е една од земјите со кои Македонија има исклучително добри и пријателски односи и Анкара ја признава под уставното име, а Анадолија, која, практично, е составен дел на турскиот државен апарат, првпат ја споменува под навредливата референца. Дали е тоа еден вид предупредување од пријателска Турција дека оди спротивно на нејзините интереси или станува збор за случајна грешка на агенцијата, останува да видиме.

Македонија пред неколку месеци во Обединети нации заедно со над 130 други земји се изјасни против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја пресели американската амбасада во Ерусалим. Веднаш потоа американската амбасадорка во Светската огранизација, Ники Хејли, се закани дека сите што се противат на американската одлука ќе сносат тешки последици.

Ерусалим е главен град на Израел, но неговиот источен дел Палестинците го сметаат за сопствена метропола и, со оглед на чувствителноста на муслиманскиот свет во врска со палестинското прашање, повеќето држави сметаат за умесно своите дипломатски претставништва да ги испраќаат во административниот центар на Израел, Тел Авив.

САД својата амбасада во Ерусалим, и покрај сите протести, официјално ќе ја пресели на 15 мај на 70-годишнината од создавањето на еврејската држава.