Турците не го сакаат Ѓерѓ Дедај за косовски амбасадор во Македонија

По веста за именувањето на Ѓерѓ Дедај, за нов амбасадор на Косово во Македонија, реагираше Партијата Движење на Турците во Македонија (ТХС) која во писмо до претседателот Ѓорѓе Иванов и до МНР Никола Димитров, изразува разочараност и огорченост од изборот на новиот косовски амбасадор во земјава.

Во реакцијата се вели дека Дедај додека ја вршел функцијата заменик министер на Косово „во повеќе наврати даде скандалозни, навредливи, крајно фашистички изјави кон турскиот народ.

(…) Сигурни сме дека прифаќањето на дотичната личност како амбасадор во Р.Македонија ќе резултира негативно врз мултиетничките релации во нашата земја и во регионот, но и ќе влијае негативно и кон пријателството кон Р. Турција“ се вели, меѓу другото, во реакцијата на Енес Ибрахим, претседател на ТХС.

Ѓерѓ Дедај досега е актуелен заменик министер за надворешни работи на Косово кој најверојатно стои зад антитурските чекори на владата во Приштина.