УЧК(ур) тајфа – Пишува Роберт Димитриевски

Новата нормалност, која ја најави лидерот на партијата на која не ѝ прилегало да биде патриотска, да ти подразбирала проширен и надграден однос кон УЧК. По реализацијата на речиси целата Тиранска платформа, со чие прифаќање и ја добија неопходната поддршка од партиите на Албанците за да дојдат на власт, ништо понормално од тоа и да се сликаат пред грбот на Ослободителната национална армија. Во новата нормалност не им е ненормално тоа да го прави втор човек во Владата и прв во министерството што раководи со армијата, која во 2001 година војуваше со „терористите и ладнокрвни убијци“, според тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

Алхемичариве што ненормалното го прават нормално пет пари не даваат за убиените, некои од нив и масакрирани припадници на АРМ од УЧК. Мува не ги лази за чемерот во душата на семејствата на загинатите и на исчезнатите, за инвалидите од „воениот конфликт“, за ѕверски ликвидираните и за мачените цивили, за раселените што ден денес не се вратени во своите домови.

„2001 е далеку зад нас“, лаконски ќе заклучи фотографираната до насмеаниот кичевски градоначалник и – терај магарето. Избори идат, па ќе треба повторно да се бара гласот на некогашните учки и на нивните поддржувачи за да се владее и без да се победи, како сега. За нивната наклонетост, а за сопствениот интерес, веќе не е ненормално да се очекува еден ден и формирањето на паравоената формација да го прогласат за празник и да го одбележуваат со сите (државни) почести!

Кога ќе се помине границата на (не)нормалното, нормално е да никне и населба во скопско село именувана според „национален херој подмолно убиен од македонската полиција во војната во 2001 година“. Згора и со ознаките на сите фракции на УЧК во регионот на таблата.

Што мислат за сето ова Македонците, но и другите националности што дадоа жртви меѓу македонските безбедносни сили во непрогласената војна од пред 19 години, на учкур тајфата не ѝ е ни на крај памет. „Небањатите“ нека лаат, а карванот на дружината, поврзана како со споменатата врвца за гаќи од слободниот превод на турскиот израз погоре, си врви. Новата нормалност, со која всушност промовираат исклучивост, нетолеранција и бесчувствителност додека си ги товараат камилите со азно, како што тргнало, ќе ги докине и преостанатите врвци на соживотот.

А кога ѓаволот ќе си дојде по своето, учкур тајфата ќе биде на доволно безбедна оддалеченост за безгрижно да фаќа сеир на руините во кои ја претвори Македонија. Тогаш, нормално, ќе биде најмалку важно кој во новата нормалност бил нормален, а кој не. И дали воопшто останало нешто нормално во целата ненормалност, во која вториот човек на „СДС на нашата земја“ нема проблем со ОНА, но има со АРМ, па ја нарекува само „Армијата“, со името „Македонија“ на униформите и со „волците“, од кои во 2001 дерман немаше, па нивните глави ги уцени – УЧК!

SHARE