Унгарија би можела да „употреби сила“ на нејзината јужна граница со Србија за да ги заштити границите на Европската унија доколку Турција ја оствари заканата да ги отвори портите кон Европа за бегалците,, изјави унгарскиот Виктор Орбан.

Унгарија постави ограда на границата со Србија за да ја блокира балканската мигрантска рута, преку која стотици илјади бегалци од Блискиот исток поминаа кон западна Европа за време на бегалската криза во 2015 година.

Турција – која моментно е домаќин на 3,6 милиони сириски бегалци – се закани дека ќе ги „отвори портите“ за да им овозможи на оние што се веќе во земјата да го продолжат патот кон Европа, доколку ЕУ преземе мерки против Анкара по интервенцијата во Сирија.

„Следните недели ќе одлучат што прави Турција со овие луѓе“, рече Орбан според кој турските власти можат да постапат на два начина: да ги вратат во Сирија или да ги упатат кон Европа.

„Ако Турција го избере второто, овие луѓе ќе пристигнат на јужната граница на Унгарија во огромни маси“, рече Орбан, додавајќи дека ЕУ треба да обезбеди повеќе средства на Турција за да помогне во обновата на сириските градови.