Универзитетот на Бучковски, УКИМ, го повика Заев да не ги поткопува темелите на државата

На денот кога Владата го именуваше професорот Владо Бучковски кој предава на УКИМ за преговарач со Бугарија најважниот македонски универзитет со индиректно предупредување до премиерот и министрите.

Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата, наведува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соопштение во кое потсетува дека УКИМ е продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли и најголем и најстар универзитет во македонската држава, во чии организациски единици се истражуваат, се проучуваат, се негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство.

Во соопштението насловено како Изјава се вели:

1. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ.

2. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

3. Универзитетот ги повикува Владата на Република Македонија и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои:

а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет;

б) македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ;

в) процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт;

г) создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

4. Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата.

SHARE