Условено членство во ЕУ на една деценија, предлага виенски „Стандард“

За земјите од Западен Балкан би можело да се размисли за условено членство на една деценија или подолго, кое би било ограничено и би можело да биде повлечено.

Примерот со Северна Македонија на која не и одобрен почеток на преговорите за членство во ЕУ, покажува зошто целосното запирање на проширувањето на ЕУ би претставувало огромна грешка, оценува виенскиот весник „Стандард“.

„Проширувањето на ЕУ не е премногу популарно. На некои нови членки, пред се на Романија и Бугарија, на почетокот им недостигаше зрелост за Унијата, а Полска и Унгарија по зачленувањето драстично назадуваа во политиката култура. Државите од Западниот Балкан, кои се наоѓаат пред вратата на ЕУ и жестоко тропаат на таа врата, се уште потешки случаи – сиромашни, корумпирани и далеку од демократско владеење на правото“, наведува весникот.

„Стандард“ смета дека францускиот претседател Емануел Макрон не треба да биде осудуван поради ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, бидејќи „таквите преговори, порано или подоцна, водат кон членство независно од тоа дали тие земји ги исполните условите реално или само на хартија“.

Сепак, веснкиот смета дека „целосното запирање на проширувањето на ЕУ би претставувало огромна грешка“.

„Стандард“ смета дека исполнувањето на дадените ветувања е единствен начин ЕУ да ги одржи во живот надежите за членство на земјите од Западен Балкан, пренесува „Фокус“.

„Бесконечните преговори не се решение, бидејќи во еден момент тие ќе ја загубат својата смисла. За земјите од Западен Балкан би можело да се размисли за условено членство на една деценија или подолго, кое би било ограничено и би можело да биде повлечено. Европа имаше свои искуства кога една земја ќе влезе во ЕУ, да дојде до брзо намалување на влијанието на Западот“, заклучува „Стандард“.