Утре му се суди на новинар за објава од јавен интерес – подготвен е да оди в затвор

Утре во 9:30 часот во Основниот кривичен суд Скопје, ќе се одржи првото рочиште во судскиот процес кој Обвинителството го покрена против новинарот и уредник на порталот лидер.мк Љупчо Златев за наводно оддавање на службена тајна.

“Самиот процес е како од роман на Кафка, ако се има предвид дека ме теретат за оддавање на службена тајна а документите кои ги објавив се класифицирани само како “Интерно” и содржински говорат за огромни политички злоупотреби во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Вина нема да признаам, затоа што во секоја демократска и слободна земја, јавниот интерес е поважен од било која класификација. Особено ако се има предвид дека се работи за објава за злоупотреби од страна на тајните служби.

Доколку обвинителството сака да покаже прозападни и демократски вредности – треба да го повлече обвинението”, пишува Златев пред судењето.

Во исто време новинарот се прашува: “Каде се претседателот Пендаровски и премиерот Заев да кажат 2-3 збора? Устите им се полни со европски перспективи а во исто време премолчуваат на класичното кршење на слободата на изразување” .

За најголем дел од јавноста освен за поддржувачите на власта процесот против Златев е чисто политички процес, процес со кој на сите новинари треба да им се даде до знаење дека не смеат да објавуваат информации за кршење на човековите права од страна на службите!

“За слободата и демократијата во кои верувам јас сум подготвен да одам во затвор”, вели Златев пред утрешното судење.

Златев важи за остар критичар на владеачката СДСМ.

SHARE