Ванковска: Никогаш нема да им простам, само Грција може да нè спаси

Професорката Ванковска веќе не може ни да се разочара од чекорите на власта која земјата ја води кон промена на устав.

Таа сепак не може да се помири и да им прости на интелектуалците што зборуваат за помалку важни теми а молчат за промената на уставното име, уставот и националното обезличување на Македонците.

“Синоќа забележав кај мнозина голема вознемиреност поради фактот дека Владата ги утврдила конечните верзии на амандманите на Уставот (коишто од нацрт станаа предлог- амандмани). Искрено, кај мене веќе тешко и се побудува вознемиреност, бидејќи за да бидеш вознемирен треба или да си изненаден или да си човек кој верува во чуда (дека нештата сами од себе ќе исчезнат).

Јас сум веќе реалист, а и немам вишок енергија да кажувам колку сум лута или вознемирена со ова што ни го прават. Што од тоа? Она што го започнаа ќе го завршат, по секоја цена. Преспанскиот процес започна некаде околу годишните одмори, па демек треба да се одмараме, а сега ќе финишира со Новогодишните и Божиќните празници (пак некако тешко време за протестирање).

Она што можевме да го направиме како (дел од) академска заедница, го правевме (јас и натаму се обидувам да го „интернационализирам“ прашањето, да привлечам внимание кај колегите и особено левицата во Европа). Но, свесна сум дека она што го правам сега не е наменето за овие генерации, туку за некои после сто години. Колку да обелиме образ дека не’ имало и такви кои сме мислеле со своја глава и кревале критички глас…

Оние кои потфрлија се оние кои се зафатија со ПОЛИТИЧКА борба и политичко дејствување, а тоа се политичките партии, парламентарни и вонпарламентарни. Или се колаборационисти или се импотентни, но тоа зборува за нивото на демократија, исто како и неспособноста на граѓаните да се самоорганизираат. Едното е поврзано со другото, и од тоа нема бегање.

Јас не гледам светлина на крајот на тунелов, кој кротко ќе си го изодиме до крај, со онаа помиреност со судбината како заробениците кога ги воделе на „туширање“.

Ако ме прашувате мене (и ова не е дефетизам), работава е KAPUTТ, збор од германскиот јазик (на англиски се опишува вака: Merriam-Webster definition: utterly finished, defeated, or destroyed; unable to function, на јидиш има значење „изгубен, мртов“).

Во оваа фаза, и до 15 јануари, се’ е во рацете на продадена банда измамници наречени парламентарци, кои ги плаќаме со наши пари за да не’ продадат топтан, на распродажба. И ова не е изненадување!

Зарем имаше некој од парламентарниот состав во кој имавте верба уште на изборите во 2016 година? Наивност е да велиме: не’ излажаа! Тие веќе беа докажани лажговци и опортунисти.

Да бев верник ќе верував во божја промисла и божје чудо, ама не сум. Единствената надеж ми е дека работата ќе пропадне поради внатрешните грчки политички констелации или дури и заради затскриени геополитички калкулации (во кои Грција секако има свој удел и национален интерес). Накратко, звучи парадоксално, ама само Грција може да не’ спаси од нас самите.

Обземени со самите себе, опфатени во некаков политички „аутизам“, не ја гледаме пошироката слика. Причините, последиците и одговорите на дилемите се таму. Нас не’ тераат да живееме во некој паралелен свет, па додека Париз гори ние треба да му веруваме на ЗЗ дека ЕУ е рај на земјата и дека еден ден ќе станеме богати и среќни!

Сфаќаме ли ние воопшто дека во овој кошмар во кој живееме ни нудат „опиум за народот“ во вид на бајки, или поточно песочни замоци кои се распаѓаат при налетот на кризата?

Простете, ама јас веќе немам сила да се вознемирувам. Нема никогаш да им простам за оваа тактика на нојот на оние за кои знам дека се интелигентни, разумни, па и учени – а кои мислат дека „компатрментализацијата“ на проблемите е решение!

Демек, ќе се ужаснувам од однесувањето на судијката Кацарска или Шилегов, ќе зборувам за кршење на закони, ама не и за устав, ќе се стресувам пред урбаната мафија, ама не и политичкиот сточен пазар. За општиот контекст ќе молчам за да не ме наречат националист! Народот нема никогаш да го обвинам, ама на учените никогаш нема да им простам за молкот, за опортунизмот и конформизмот, за кетманизмот!

SHARE

Оставете коментар