Професорката Билјана Ванковска го коментира разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи за користењето на името Република Македонија.

„Иако сум длабоко свесна дека скандалозното разрешување на Рашела Мизрахи ги фрли во сенка другите, поважни и поскандалозни потфати на Собранието во заминување (ЗЈО, Изборен законик и Закон за лични карти), сепак некој збор околу реториката која синоќа беше употребена… Главно мислам на она навредливо и мачоистичко обраќање на Џевад Адеми и несоодветниот одговор и на опозициските пратеници, но и на јавноста (од она што го читам).

Имено, за тие што не гледаа, сакајќи да ги навреди пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниска говорница Адеми рече (парафразирам) дека партијата која се правела најпатриотска и која ја застапувала македонштината пуштила „една жена, и тоа Еврејка“ тоа да го прави наместо нив. Ја разбирате поентата, нели: вие сте кукавици кои се кријат зад една нејака жена, и тоа не-Македонка. Притоа, додаде дека е вистина дека тој се борел за албанштината, за тоа бил и во затвор, ама бил маж, сам се борел и не се криел зад никого, и си ја платил цената за тоа. Имаше некаква бледа дискусија после ова, но за мене неверојатно беше што и претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на тоа дека СДСМ се свети на ЖЕНА!

Ми паднаа на ум неколку работи:

Прво, сосема е НЕБИТНО од кој пол е сега бившата министерка Рашела Мизрахи, и несоодветно на демократската култура и стандарди е да се нагласува нејзината женственост, кршливост, (наводна) слабост пред разулавената и неконтролирана власт. Жените се одамна еманципирани и еднакви (барем пред устав и закон), и нејзиното постапување е постапување на личност со став/гард/кичма, а не на некаква фина и слаба женичка… Ако сакате да бидам уште поексплицитна, таа се покажа поголем „маж“ од многу мажи (и во политиката и надвор од неа).

Второ, тоа што Еврејка се чувствува како Македонка е најголемата шлаканица за албанските националисти, за кои тоа е незамисливо! Впрочем, тие ноќеска, по пат на уцена, извојуваа нови етнички концесии кои ја јакнат нивната политичка моќ НАСПРОТИ Македонците, како мнозинство, и ја етаблираат уште поцврсто диктатурата на малцинството врз мнозинството (затоа што после Рашела, македонштината е многу повеќе од Македонците: таа ги опфаќа нив, заедно со Евреите, Србите, Ромите, Турците – накусо, не-Албанците!).

Трето, преку Рашела Мизрахи навистина ВМРО-ДПМНЕ профитираше како ретко кога! Но, останува контрастот помеѓу поединците и нивниот интегритет наспроти слабоста и пазарењето на партијата, која никако не успева да застане на нозе. Таа повеќе се грижи за својата политичка иднина (освојување власт во крајна смисла) отколку за државата. Ако Рашела предизвика овации со еден симболичен чин, замислете што ќе се случеше ако слично постапеа пратениците и нивниот лидер во 2018!

Четврто, синоќешната седница (заедно со оние на кои се менуваше Уставот во 2018/2019) останува една од најсрамните епизоди на парламентарната историја на Македонија. И исходот од тој пазар е доказ дека Северна Македонија е можна само како ДИКТАТУРА, и никако поинаку! Чинот на нашето постоење (како Македонци кои одбиваат да бидат северни) е највисок чин на отпор. Но, за жал, тоа не е доволно – бидејќи полициската држава крши кичми и воспитува деца низ училишниот систем, со цел да ја жигоса иднината како Северна. Ова што сега го прави СДССМ буди спомени кај сите постари генерации за она низ што минувале тие или нивните предци под туѓинска окупација. Окупаторот е сега ДОМА. И ова е пострашен облик на окупација од кој било друг, бидејќи користи мимикрија и поддршка од Западот, кој бескрупулозно си ги брани геополитичките интереси во регионот. Овие му се маша, ама за своите граѓани се војничка чизма залепена в лице“, напиша Ванковска на Фејсбук.

SHARE