Македонскиот ракометен првак Вардар во полуфиналето на завршниот турнир од Лига на шампиони во Келн ќе игра со топ-фаворитот Барселона, чиј капитен Виктор Томас со голем респект зборува за противникот.

„Ако можев, немаше да изберам ниту еден од овие три тима за наш полуфинален ривал, вклучувајќи го и Вардар. Сите тие се големи екипи, па годинашниот фајналфор ќе биде многу интересен. Вардар е екстремно опасен, а нивната сегашна ситуација ги прави уште поопасни, бидејќи за нив ова ќе биде прашање на гордост“, изјави Томас за втората полуфинална двојка во првиот натпреварувачки ден во „Ланксес арена“ на 1 јуни од 18 часот.

„Сите тимови имаат исти шанси за победа. Барселона е голем фаворит, таа беше прва во групата и двапати славеше против нас, но ние сме Вардар и не се откажуваме до крај. Мислам дека претходните натпревари од групната фаза нема да бидат важни за подготовките за Ф4“, смета вардаровиот капитен Стојанче Стоилов, кој пред две години го крена шампионскиот пехар во елитното клупско натпреварување.

„Игравме со Барселона двапати сезонава. Можеби ова е трета среќа. Тие се фаворити не само на нашиот дуел, туку и на Ф4-турнирот. И не само поради квалитеот, туку и поради традицијата. Ние ја остваривме целта – се пласиравме на фајналфорот. Сега нема што да загубиме, одиме да играме и да се надеваме на добар резултат. Барселона има добра екипа. Тоа го знаеме сите. Вардар ќе се подготвува максимално за овој настап“, порача тренерот на „црвено-црните“ Роберто Парондо.

Барселона, која триумфира во групата А, ги доби и двете средби со вардарци сезонава – прво славеше во Скопје со 30:26, а потоа и дома со 34:26. Рекордниот освојувач на КЕШ/ЛШ има само два пораза во 14 меѓусебни дуели со Вардар, кој токму со триумфот од 26:25 над каталонскиот гигант со голот на Лука Циндриќ во последните секунди во полуфиналето на Ф4 пред две години ја најави својата историска европска круна.