За инает на сите (финансиски) проблеми и заминувањето на Криштопанс и на Атман, ракометарите на Вардар дома го декласираа Мотор Запорожје со 38:28 и обезбедија осминафинале во Лигата на шампионите две кола до крајот на групната фаза.

Петтата победа во 12. настап сезонава во ЛШ го искачи бранителот на европската круна на петтото место во групата Б со 11 бода пред дуелите следната сабота во Порто и на 29 февруари со Монпелје во Скопје.

Вардарци беа надмоќни од првата до последната минута, лесно кршејќи го отпорот на гостите од Украина благодарејќи на голманот Кизиќ (9 одбрани) и на непогрешливите Скубе (8/8) и Чупиќ (6/6). Дибиров и Горбок завршија со ефект 5/6, а Де Толедо ги постигна првите два гола во црвено-црниот дрес.

SHARE