Само една секунда ги делеше ракометарите на Вардар од втора победа едноподруго во Лигата на шампионите, но радоста им ја скрати Антонио Ареја и мораа да се задоволат со реми 25:25 против Порто во „Јане Сандански“.

Европскиот првак во последните две минути го сврте резултатот со трите гола од индивидуални акции на Иван Чупиќ и на Тимур Дибиров и го натера гостинскиот тренер Магнус Андерсон да бара тајм-аут 26 секунди до крајот, по кој Португалците стигнаа до бод.

Фантастична партија на вардаровиот гол имаше македонскиот репрезентативец Борко Ристовски со 18 одбрани (40,91 отсто запрени удари), на кои додаде и 4 гола од 6 обиди! На спротивната страна неговиот колега од националниот тим Никола Митревски, кој беше избран во идеалната седморка на минатото коло, запиша 11 успешни интервенции.

Чупиќ и Марко Вуин со по шест гола беа најефикасни меѓу „црвено-црните“, кои со три бода од три одиграни средби се искачија на петтото место во групата А.

Во следниот круг на 28 октомври тимот на Стевче Алушовски ќе му гостува на Пари Сен Жермен, кој загуби кај Кјељце со 35:33.

Во другите два меча од групата Мешков Брест славеше над ПИК Сегед со 26:24, а Фленсбург беше подобар од Елверум со 37:35.

Табела: Кјељце 8 бода од пет меча, Фленсбург 8 (5), Мешков Брест 6 (5), Порто 5 (5), Вардар 3 (3), ПСЖ 2 (4), Елверум 2 (4) и ПИК Сегед 0 (3).

SHARE