На ракометарите на Вардар не им беше доволно ни убедливото водство од 16:10 во 29. минута, па не само што загубија од Веспрем со 29:27 дома, туку и им го препуштија на Унгарците второто место во групата А од Лигата на шампионите.

Среќа во несреќа е неочекуваниот домашен пораз на Кјељце против Монпелје од 28:27, па македонскиот првак падна само на третата позиција во групата.

Огромната предност од првото полувреме беше прокоцкана само за седум минути од второто, кога гостите израмнија на 17:17, иако „црвено-црните“ се созедоа и во последната четвртина од средбата влегоа со 21:18 со голот на Даинис Криштопанс.

Штас Скубе осум минути пред крајот за последен пат во мечот му донесе водство (23:22) на европоскиот шампион од пред две години, по што играчите на Роберто Парондо ги испуштија конците од своите раце.

Кристијан Дисингер со пет гола беше најефикасен меѓу вардарци, за кои Криштопанс, Скубе и капитенот Стојанче Стоилов по четири пати ја затресоа противничката мрежа.

SHARE