Вардар поразен од Кјељце во Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар загубија со 33:29 од Кјељце во арената „Јане Сандански“, претрпувајќи го вториот пораз во својот четврти натпревар во Лигата на шампионите сезонава.

Европскиот првак го отвори мечот со 5:1, водеше и со 9:8 во првото полувреме, како и со 22:21 во средината на второто, но немаше сили за нешто повеќе против гостите од Полска.

Ловро Јотиќ со 6 гола од 9 обиди беше најефикасен во редовите на „црвено-црните“, крилата Иван Чупиќ и Тимур Дибиров имаа ефект 5/6, а Гоце Георгиевски 4/5.

Нерешлива енигма за вардарци беа нивниот поранешен играч Алекс Душебаев, првото име на средбата со 10/11, како и голманот Андреас Волф со 14 одбранети удари, наспроти осумте заедно на Робин Кантегрел (5) и Борко Ристовски.

Македонскиот и полскиот шампион ќе се сретнат и во следното коло на 25 ноември во Кјељце.

SHARE