Ракометарите на Кил го потврдија скопскиот триумф од 31:20 во октомври, декласирајќи го Вардар и на домашен терен со 34:23 во продолжението од Лигата на шампионите и расипувајќи го официјалното деби на Стевче Алушовски на клупата на двократниот европски првак.

„Зебрите“ беа во водство во текот на целиот натпревар, освен во почетните минути, кога беше 3:3, а „црвено-црните“ потсетија дека се бранители на титулата до 18:16 за Кил на стартот на вториот дел, но по 27:22 за Германците целосно застанаа.

Меѓу анемичните вардарци се издвои Даинис Криштопанс со шест гола од девет обиди, а капитенот Стојанче Стоилов оствари ефект 5/7. Никлас Екберг од спротивниот табор беше најефикасен со 8/10, а голманот Никлас Ландин запиша 15 одбрани.

Четвртиот пораз во низа во ЛШ го закова европскиот, регионален и македонски шампион на шестото место во групата Б, последно што води во осминафиналето.

Шанса за прекин на црната серија ќе се бара во следното коло на 15 февруари против Мотор Запорожје во „Јане Сандански“.

SHARE