Ракометарите на Вардар одиграа нерешено 28:28 со Кјељце во „Јане Сандански“, но и тој еден освоен бод ги задржа на второто место во групата Б на половина од прелиминарната фаза во Лигата на шампионите.

Бранителот на европската титула има девет бода, еден повеќе од Веспрем и од Кјељце, кому ќе му гостува следниот викенд, а Монпелје (седум бода) и со победа над Мотор утре во Запорожје не би бил пред „црвено-црните“ поради поразот во меѓусебниот дуел на стартот од ЛШ.

Македонскиот шампион може и да жали, но и да биде задоволен со ремито, бидејќи на половина од првото полувреме водеше со 10:5, а во почетокот на второто со 20:16, но меч-топката ја имаа гостите од Полска. Прво ги искористија десетте црни минути на вардарци и со серија 6:0 поведоа 25:22, а 12 секунди до крајот Мариуш Јуркиевич беше сам пред вардаровиот гол, но Халифа Гедбан му одбрани!

Во отсуство на повредениот Даинис Криштопанс, Сташ Скубе беше најефикасен домашен ракометар со седум гола од 11 обиди, пред Иван Чупиќ со 6/9, и тоа како десен бек, а капитенот Стојанче Стоилов имаше ефект 4/5.

SHARE