Ракометарите на Вардар претрпеа срамен пораз на гостувањето во Белорусија од Mешков Брест со 31:22 за продлабочување на веќе алармантната криза по одличниот старт во Лигата на шампионите.

Откако го доби првото полувреме со 13:12, европскиот првак во второто си дозволи да биде прегазен од тимот што имаше само два бода од претходните осум кола!

Несфатливи 8:0 за претпоследниот на табелата по 23:22 и, како капак на сè, обновувањето на повредата на Криштопанс, само го дополнуваат катастрофалниот впечаток од уште еден настап на „црвено-црните“ сезонава.

Четвртиот пораз во последните шест меча во ЛШ го спушти македонскиот шампион на шестото место во групата Б, последното што води во осминафиналето, откако и Порто го помина со подвигот во Монпелје (27:22).

По девет круга води Кил со 14 бода, пред Веспрем со 12, Монпелје со 11, Кјељце и Порто со по 10, Вардар со 9, Мешков со 4 и Мотор со 2.

Последна шанса за вардарци да сменат нешто на подобро во елитното натпреварување годинава ќе биде реваншот со Веспрем на 1 декември од 17 часот во арената „Јане Сандански“.