Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, денеска во Брисел ја претстави ревидираната методологија за пристапните преговори. Смета дека доколку има напредок, преговорите можат да се движат побрзо од досега, но таа обезбедува и реверзибилност на процесот.

Европската комисија (ЕК) очекува новата методологија да биде прифатена од земјите-членки на ЕУ што ќе им овозможи на Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство пред самитот ЕУ-Западен Балкан во мај годинава во Загреб., пренесе НОВА.Тв

Претставувајќи ги измените, тој рече дека новото групирање на преговарачките поглавја ќе им даде дополнителен фокус на преговорите, но и ќе ги забрза, доколку земјите-кандидати работат напорно на реформите.

Но, новата методологија обезбедува реверзибилност на процесот, како што бараше Франција, што значи дека преговорите со некоја земја-кандидат можат да стопирани или вратени од почеток доколку не покажува напредок или има назадување.

Двете земји кои веќе преговараат, Србија и Црна Гора, ќе добијат можност самите да решат дали ќе се приклучат кон преговорите со новата методологија или ќе преговараат по старата, но Вархеји вели дека ќе бидат во предност доколку се одлучат за ревидираниот процес.

Комесарот за проширување очекува во текот на овој месец да бидат готови ревидираните извештаи за напредокот на Скопје и Тирана, по што, се надева дека одлуката за почеток на преговорите ќе може да биде донесена пред самитот во Загреб.

SHARE