Васил Стерјовски, денеска положи заклетва во албанскиот парламент и со тгоа стана првиот Македонец – пратеник во Законодавниот дом во соседна Албанија.

„Горд сум што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана македонска партија. И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот“ рече во обраќањето пред парламентот Стерјовски кои пренесе поздрави од Македонците во Албанија.

„Имам историска должност да Ви пренесам поздрави од Македонците, кои се лојални државјани на Република Албанија, бидејќи таа е и нивна матична држава. Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно ќе се грижиме и ќе ја браниме Република Албанија како наша заедничка татковина и нејзините интеграции во Европската Унија, потпирајќи се на стратешкото партнерство со САД. Имаме прекрасна држава на која треба сите да и се радуваме, Господ и природата се ни дале“ – рече Стерјовски.

Кажа дека е генерален секретар на единствената македонска партија во Република Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која покрај другите политички партии, додаде,се грижи за сите, меѓу нив и за унапредување на положбата и правата на Македонската заедница во нашето мултикултурно, мултијазично и мултиконфесионално општество.

Стерјовски изрази посебна благодарност до Собранието на Албанија кое во 2013 година ја врати македонската топонимија на општина Пустец и нејзините девет села.

„Се разбира, Македонската заедница во Република Албанија не се само Македонците во општина Пустец и селото Врбник во областа на Девол. Македонците во Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница, во областите Мала Преспа во Округот на Корча, Голо Брдо во Околјата Пешкопеја и Гора во околија Кукс, како и во градовите Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Кукс, и други места“ потсети Стерјовски.

Македонците во Албанија обраќањето на Стерјовски го оценуваат како историско, а неговиот пратенички мандат историска победа за нив.

ИЗВОР: МИА

SHARE